Општина Вевчани

opshtina-vevchani-logoВевчани се наоѓа во југозападниот дел на Македонија на падините на планината Јабланица на надморска височина од 800 m. Атарот на Вевчани се наоѓа северозападно од Охридско Езеро. Се протега во насока исток – запад, од подножјето, преку ридестиот терен, сè до сртот на планината Јабланица. Се граничи со општина Струга, а во потесен дел ја допира државната гранична линија со Албанија.

Првите легенди и писанија за Вевчани велат дека е стара населба, а нејзините почетоци датираат од крајот на VI, односно почетокот на VII век. Има повеќе изворни документи во кои е евидентирана населбата. Во Калимановата грамота, еден од најистражените документи, за Вевчани се зборува како за селска населба од крајот на IX век и тоа како мошне развиена, економски јака и обврзана да дава данок во натура на бугарскиот кнез Борис I, а по него и на царот Симеон Велики.

Вевчани е единствено подјабланичко место кое што успеало најмногу да одолее на исламизацијата од страна на Турците. Христијанството на овие простори оставило длабоки траги во животот, обичаите и верувањето кај луѓето, а со тоа и во изградбата на сакралните објекти, односно светилиштата. Тие се посветени на повеќе светители, а изградени се во и околу населбата. Ги посетуваат мештаните, но и жителите на околните населби. Обично тоа се чини во празници, но и во други пригоди.

Во близината на Вевчани се наоѓаат едни од најпознатите и најпосетени извори во Македонија, Вевчански извори. За вевчанци , изворите се нешто за што вреди да се гине. За луѓето што не се од Вевчани, а некогаш дошле да ги видат, нивната убавина е магнет кој долго ќе ги повикува назад, да се напијат од бистрата вода, да се изнадишат свеж воздух и да се најдат себеси во бучавата на студената вода. Изворите се лоцирани на источните падини на планината Јабланица, кај селото Вевчани, на надморска височина од 900 метри. Главниот извор е сместен во отворот на пештера. На десетина метри подолу, се наоѓаат неколку постојани извори кои подземно комуницираат со главниот извор. Капацитетот на Вевчанските Извори во влажниот период од годината изнесува околу 1500 литри во секунда.

Еден од најпознатите настани во Вевчани е Вевчанскиот карневал. Се смета дека таа манифестација е стара повеќе од 1.400 години и е интересен спој меѓу паганското и современото. Вевчанскиот карневал во суштина е обичај под маска, кој се нарекува „Свети Васиља“ (Василица). Се празнува на 13 и 14 јануари секоја година и е посветен на Св. Василиј Велики. На тој ден се дочекува новата православна година, а се испраќа старата. Инаку, тој е пагански обичај кој тука се сочувал сè до денешни дни. Учесниците во него се нарекуваат василичари. Тоа се маскирани поединци и групи од сите возрасти организирани по маала.