Регионот на општините Охрид, Струга, Вевчани и Дебарца е богат со водни ресурси започнувајќи од атрактивното Охридско Езеро, па се до помалите езера кои се особено интересни поради рибниот фонд со кои располагаат, како Требенишко Езеро и Слатинско Езеро, и секако познатиот Црн Дрим и помалите локални реки како Сатеска и Коселска. Сите овие водни ресурси се дадени под концесија, а самите концесионери го уредуваат издавањето на дозволи, но и одржувањето на терените околу местата за риболов.
„Македонија е лулка на мушичарењето“ (fly fishing) која е најраспространета техника на риболов во светот и е стара повеќе од 1.800 години. За тоа сведочи римскиот патописец Claudius Aelianus (170-230 г.) кој во книгата “De natura animalium” со првите записи за мушичарењето опишува како Македонците ловат риби со црвени пеги со вештачка мушица. „Македонија со своите бројни реки, езера и акумулации е рај за мушичарење на повеќе видови пастрмки.“ Во Македонија може да се нудат риболовни тури за капитални примероци на сом, крап, штука, амур и др.
Црн Дрим с. Вранешта
Риболовен ревир река Црн Дрим според риболовната основа за слив на реката Црн Дрим го опфаќа течението на реката Црн Дрим од истекот на Охридското Езеро во Струга, низводно до вливањето во акумулацијата Глобочица, мостот во с.Ташмаруништа е граница. На истиот слив припаѓаат и реките Сатеска, Голема Река, Беличка Река, Лабунишка Река, Вевчанска Река. Риболовот на овој потег на Црн Дрим е регулиран од страна на концесионерот ЗРСК Пастрмка Струга.