Струга се наоѓа во југозападниот дел на Република Македонија. Распослана е во рамнината на Струшкото Поле на двата брега на реката Црн Дрим и на северниот брег на Охридското Езеро. Заокруженa е со планински предели и тоа на запад со Јабланица, на североисток со Караорман и на југоисток со Галичица. Според податоците од пописот на население спроведен во 2002 година, во општината Струга имала 63.376 жители.
Античкото име на градот е Енхалон кој на старогрчки значи јагула. Подоцна населбата го добива името Струга. Името на Струга произлегува од словенски збор. Според првото народно толкување, името Струга доаѓа од отворената географска положба на градот: место каде што постојано струже (дува)ветер. Второто е сосем поинакво : Одамна некогаш македонските Словени (Брсјаци и Мијаци) во Струшко се занимавале со сточарство и во точно определено време ги дотерувале многубројните овци на стриг (стрижење волна) во близина на истекот (Устата) на Црн Дрим од Охридското Езеро. Меѓутоа, тоа може многу пологично да се поврзе со преминот низ ограда за молзење овци, наречен струга (страга, стронга).
Можеби е најблиску до вистината објаснувањето дека Струга значи речен ракав, притока (во случајов истек на Црн Дрим) и тоа на место со уреди за риболов.
За првпат под словенското име Струга, градот се споменува во еден документ од XI век.
Струга е стара населба која потекнува од неолитскиот период. Во антиката, Струга многу профитирала заради тоа што се наоѓала на патот Виа Игнација, кој ги поврзувал Источното и Западното Римско Царство.
Поради Охридското Езеро и богатото културно-историско минато, Струга има развиен езерски и културен туризам. Струшки вечери на поезијата се најголемата светска поетска манифестација што се одржува секоја година во градот Струга и на која присуствуваат најмалку 200 светски поети. На тој начин Струга го чува споменот на браќата Миладиновци едни од главните претставници на македонската преродба во средината на XIX век.
За културната историја на Струга и околината од посебно значење се и ранохристијански базилики во селата Октиси и Радолишта. Она што ги прави величествени се подните мозаици со ретки композиции како што е таа во Октишката каде е претставен влезот во Рајот, а во Радолишката, меѓу другите познати христијански симболи се наоѓа и јагулата, како риба карактеристична за Охрид и Струга. А рибата во ранохристијанскиот период, како и подоцна, била еден од симболите на Христа.
Од средниот век, најстаро сликарско иконописно дело во Струга е иконата Св. Ѓорѓи (1267 г.), од истоимената црква. Во Струга од времето на турскиот период би ги наброиле: Амамот, кој иако е со скромни димензии, ги содржи сите елементи на амамите во Македонија и „Халвети теќе”, кој е заштитен како споменик на културата. „Теќето“ се наоѓа во близина на центарот на Струга и е изградено на почетокот на XVIII век од Хасан Баба. Петте соби кои ја формираат буквата Т, а минарето има осморебрест облик кој ја прикажува Шаховската круна а во исто време ги симболизира осумте врати на рајот.