Параглајдерот не е само летало, тоа е временска машина. Со него можеме да ја доживееме, барем делумно, радоста што раните пионери ја почувствувале откривајќи го непознатото. Тие ни го донесоа светот раководен не од човекот туку од природата.
Праглајдерството во Македонија е застапено уште од самите почетоци на овој спорт (90-тите). Следејќи ги светските трендови се повеќе луѓе се присутни и вклучени како во натпреварите така и во рекреативното летање.
Македонија, а особено Охридскиот регион, има големи потенцијали за развивање на овој атрактивен спорт бидејќи изобилува со високи планини од кои се полетува, има широки долини-рамници за безбедно слетување и голем број сончеви денови со убави услови за летање.
Планините Галичица и Јабланица изобилуваат со „природни“ места за полетување до кои лесно се пристапува по асфалтен или земјан пат. На овие две планини во минатото се организирани повеќе домашни и меѓународни натпревари како и европско првенство во параглајдерство. Во текот на туристичката сезона има голема посетеност од странски пилоти, а можат да се организираат и тандем летови за туристи кои сакаат да го видат Охрид од сосема поинаква перспектива. Во моментов постојат три полетувалишта на Галичица и едно на Јабланица.
Полетувалиште над с. Трпеица
Галичица, на височина од 1.560 м (координати: N 40 57`16.40” E20 48`44.21”, означено со жолто на Слика 3). Ова е природен параглајдерски старт на планината Галичица, се наоѓа веднаш под патот за Преспанското Езеро. Има природна тревна подлога и лесно се стигнува до него.
Полетувалиште над с. Велестово
Галичица, на височина од 1.250 м (координати: N41 05`31.43” E20 50.07`47”, означено со жолто на Слика 4). Ова е природен параглајдерски старт на планината Галичица, се наоѓа над селото Велестово, а до него се доаѓа по асфалтен и земјан пат. Стартот е ориентиран кон запад и се полетува кон Охридското Езеро.
Полетувалиште на врв Томорус
Галичица, на височина од 1.500 м (координати: N40 59`35.68” E20 52`50.17”, означено со жолто на Слика 5). Ова е природен параглајдерски старт на планината Галичица, се наоѓа над Отешево, а до него се доаѓа по асфалтен и земјан пат. Стартот е ориентиран кон исток и се полетува кон Преспанско Езеро.
Полетувалиште Три Шилка
Јабланица, на височина од 1.600 м (координати: N41 10`06.99” E20 35`08.71”, означено со жолто на Слика 6). Ова е природен параглајдерски старт на планината Јабланица. Се наоѓа над Струга, а до него се доаѓа по асфалтен и земјан пат. Стартот е ориентиран кон исток и се полетува кон Охридско Езеро.