Планинарство

„Планинскиот туризам се наоѓа на второ место, веднаш по приморскиот туризам според бројноста на туристичкиот промет и остварените приходи. Просечна стапка на годишен економски пораст во планинскиот туризам изнесува околу 20%“.

Планинарството во Македонија е во подем, показател за ова се растечкиот број на активни планинарски друштва, организацијата на се повеќе традиционалните искачувања или маршеви и зголемениот број на учесници, домашни и странски, на овие настани.

Рекреативното и спортското планинарење, алпинизмот, спортско качување, планинското трчање и слични други форми на спортско планинарење се промовирани и поддржани од над 40 активни планинарски друштва на целата територија на Македонија.

Општините Охрид, Струга, Дебарца и Вевчани се богати со планински и живописни терени како што се планините: Галичица (Кота – 2.265 м), Илинска планина (Лиска – 1.909 м) и Плакенска Планина (Плаке 1.999 м), Стогово со Караорман (Голем Рид – 2.268 м), Мазатар (Бајрак – 1.635 м)  и Јабланица (Црн Камен – 2.258 м).

Како поатрактивни идентификувани се неколку планинарски патеки и тоа од с.Вевчани до Црн Камен и глацијалните езера и до с.Г.Белица, или обратно, и патеката од с.Куратица на Плакенска планина до врвот Грамада (1.877 м) до с.Лешани.

Планинарска патека с.Вевчани – Црн Камен – с.Г.Белица

Патеката Вевчани – Црн камен – Г.Белица е со вкупна должина од 21,8 км, таа е средна кон тешка и со просечно време за искачување од 8 ч. и 15 м. Стартната точка – Вевчани е на 910 мнв., врвот Црн Камен е на 2.258 мнв и Г.Белица на 1.450 мнв. Врвот Црн Камен овозможува една од најпространите и најубавите глетки кон прекрасните глацијални езера на самата планина, како и кон Охридското езеро. Бидејќи е највисок врв во овој дел, од Црн Камен погледот се простира над околните планински врвови како Стрижак 2.233, Крстец 2.186 и Чумин Врв 2.125 м. Дополнителна содржина за туристите во летниот период може да се бачилата.

Јабланица се простира во југозападниот дел на Македонија и е природна граница помеѓу Македонија и Албанија. Таа ги обединува општините Струга и Вевчани. Врвот Црн Камен на Јабланица се наоѓа во средишниот дел на планината, над селото Вевчани. Во подножјето на врвот се убавите Вевчанско и Подгоречко глацијално езеро, кои се бисерите на Јабланица. Тие претставуваат геолошко-хидролошки форми кои водат потекло од последното глацијално доба и нивната старост се проценува на 10.000 – 15.000 години. Нивното создавање е поврзано со движењето и топењето на огромните глечери во текот на леденото доба.

Планинарска патека с.Куратица – Грамада – с.Брежани

Илинска и Плакенска Планина и Исток го сочинуваат планинскиот венец кој се протега меѓу општините Охрид и Дебарца. Овие планини се богати со животински и растителен свет, особено со густи дабови и букови шуми, и шумски плодови.

Патеката с.Куратица – Грамада – с.Лешани  се спојува во еден дел со планинската велосипедска патека од с.Куратица до с.Брежани. Одејќи кон врвот Грамада на Плакенска Планина се стигнува до точката каде има прекрасна панорамска глетка на двете езера Охридско и Преспанско. Дополнителна содржина претставува манастирот Св. Илија и зачуваната селска автентична архитектура во општина Дебарца, црквата Сите Светии, Курјачкиот карневал и други културни настани.