Општина Дебарца

opshtina-debarca-logoДебарца е котлински предел кој на запад е ограден со падините на планините Стогово и Караорман кои ја одделуваат од областите Струшка Малесија, Дримкол и Дебарска Жупа, на исток со падините на планините Славеј Планина, Илинска Планина и Плаќенска Планина кои ја одделуваат од областа Железник (Демир Хисар), додека пак на север е отворена кон Кичевската котлина и областа Копачка, а на југ е отворена кон Охридско-Струшката котлина.

Областа Дебарца која во најголем дел се протега во границите на истоимената општина е позната и под името Славна Дебарца поради своето славно минато исполнето со хероизам и борба за слобода на Македонија. Уште во периодот на турското ропство во Дебарца крстосувале многу ајдутски и комитски чети. Во почетокот и средината на XIX век во оваа област живеел и дејствувал Кузман Капидан македонски народен јунак и војвода, опеан во народните песни, но и песните на Григор Прличев. Дебарца, била најсилното жариште во Охридско, во времето на Илинденското востание во 1903 година.

За време на Втората светска војна, на Славеј Планина на 18 август 1942 е формиран првиот македонски партизански баталјон „Мирче Ацев“, а во 1943 година неколку недели Дебарца била првата и единствена слободна територија во Македонија за време на Втората светска војна. Првата македонско-косовска народноослободителна бригада е формирана во селото Сливово на 11 ноември 1943 година. Во с. Издеглавје бил одржан Првиот свештенички собир, на кој било иницирано формирањето на МПЦ.

Кај селото Лешани се наоѓа манастирот посветен на Сите светии или како што е локално познат „Си Свети“. Тој е единствен во Македонија кој им е посветен на сите светии. Црквата е од 1452 година и е подигната на постар храм кој, според најдените монети во гробовите, датира од XIII век, што значи дека храмот сигурно е многу постар. Во манастирот било отворено првото келијно училиште во Дебарца, кое го посетувале деца од сите околни населби. Жителите зборуваат за чудата на манастирот „Си Свети“ поврзани со исцелување, пород, одржување во живот, среќа, радост и сл. „Си Свети“ е прогласен за културно-историски споменик на Македонија.

Уште еден препознатлив белег на Дебарца е Белчишкото Блато или Сини Вирој — мочуриште кое преставува реликтен остаток од некогашното Десаретско Езеро, со кое Дебрца била поплавена во плиоценот. Белчишкото Блато е најголемото сочувано водно живеалиште во Македонија, со површина од околу 0,5 км2. Иако теренот е непристапен, резултатите на прелиминарните истражувања покажале дека во мочуриштето постои голема разновидност на флората и фауната. Во овој воден екосистем, според истражувањата се евидентирани вкупно 55 различни растителни видови и седум различни видови на риби. Исто така има 9 видови птици, 9 цицачи, 9 водоземци и влекачи, како и 14 видови на без’рбетниците.